Напредок има, но нема конечен договор за влез на Алтернатива во Владата
Заев и Гаши постигнале напредок, но нема конечен договор за евентуален влез на Алтернатива во Владата. Следуваат внатрепартиски консултации. Неофицијално, Алтернатива бара едно вицепремиерско и министерско место. „Копјата“ најмногу се кршат за барањето на Гаши, Министерството за здравство да го води кадар од Алтернатива...
Констатиран e очигледен напредок во усогласувањето на ставовите за дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, разменети се идеи од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт- пишува во соопштението лиферувано од Владата по средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Двајцата пред медиумите не сакаа детално да образложуваат за водените разговори.
Се очекува до крајот на неделава да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување за постигнување договор за можна заедничка влада. Таа треба да биде посветена на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без задршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Северна Македонија – се вели во заедничкото соопштение.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели, погрешен чекор е влезот на Алтернативците во владата која не може да спроведе образовни реформи, ниту да се справи со здравствената и со енергетската криза.
Разговорите меѓу СДСМ и Алтернатива продолжуваат. Намерата според преговарачите, не се кадровски решенија туку унапредувањето на економскиот стандард, како и на квалитетот на живот на граѓаните.
Миле Ристески
