Ковид-19

Засега нема задолжителна вакцинација

02.12.2021 09:14

Мерката за задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор отвора многу сериозни прашања во врска со казнувањето на тие што нема да прифатат вакцинирање, а од друга страна е и голем финансиски товар...

Засега нема да се применува мерката задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче, но, како што рече, дополнителна мерка во некоја форма вакцината да биде задолжителна не е исклучена, согласно со искуствата и примерите кои ќе ги даваат други земји во периодот што доаѓа.

Некои земји размислуваат и за таа мерка, но мислам дека е сѐ уште рано. Додека тоа се осмисли, треба да се види и провери како овие мерки ќе имаат резултат. Ќе видиме каков ќе биде интересот и опфатот за вакцинација во следниот период со оваа мерка за матичните лекари. Спремни сме да носиме и други препораки. Мислам дека, генерално во Европа, ова е нешто што ќе се менува. Некои земји размислуваат вакцинацијата биде задолжителна, но очигледно се уште е рано и потребна е комуникација со граѓаните. Гледано низ призмата на здравствениот систем, најпрактичен механизам ни се матичните лекари, рече Филипче.

Појасни дека заклучиле дека мерката за задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор отвора многу сериозни прашања во врска со казнувањето на тие што нема да прифатат вакцинирање, а од друга страна е и голем финансиски товар. Одредено време, како што нагласи, ќе се согледува дали ќе помогнат апелите од матични лекари за да се стимулира вакцинирањето во државава.

Финансискиот еднократен надомест од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70 отсто со вакцинација од вкупниот број пациенти запишани кај нив ќе им биде даден на крајот на пролетта и почетокот на летото следната година, врз основа на постигнатите резултати. Матичните лекари се тие што имаат директен и прв контакт со пациентите и комуникацијата е честа со нив за лекарска услуга, совет итн. И во таа смисла, сметам дека мерката е добро димензионирана и дека реално може да се спроведе. Секако, матичните лекари треба да се свесни колку е важно да се зголеми опфатот со вакцинација, рече Филипче, додавајќи дека мерката е значајна и за државата и здравствениот систем.