Почина актерот Славиша Кајевски

02.12.2021 10:48

Актерот Славиша Кајевски трагично го загуби својот живот, информираат од Македонскиот народен театар. „Нѐ остави збунети, во болка и во неверување! Нѐ остави во длабока тага! Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот“- соопштуваат од МНТ...

Македонскиот народен театар информира дека актерот Славиша Кајевски трагично го загуби својот живот. Кајевски е роден на 1-ви февруари 1982-ра година во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на професор Владимир Милчин, во 2005 година. Од 2010-та е актер во Македонски народен театар – Скопје.

„Нѐ остави збунети, во болка и во неверување! Нѐ остави во длабока тага! Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние кои те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сеприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената“, информираат од МНТ.

Комеморацијата е утре во 10 часот, а погребот е во 12 часот, во капелата Ѓорче Петров.