НАТО ја разгледува состојбата во Украина

01.04.2014 10:41

Се очекува да и понудат помош на Украина во обука и опремување на војската, но не е извесно дали ќе најават идни чекори против Русија...

Министрите за надворешни на земјите од НАТО денеска ќе разговараат за ситуацијата во Украина. Алијансата, иако отфрли воена интервенција, се обидува да ги разувери членките од Источна Европа, особено балтичките држави каде што САД испратија дополнителни воени авиони. Се очекува да и понудат помош на Украина во обука и опремување на војската, но не е извесно дали ќе најават идни чекори против Русија. САД велат дека за сега не е забележано повлекување на руската војска од украинската граница, како што вчера потврди дека наредил рускиот претседател Путин.

„Имаше извештаи за можно повлекување на руската војска од границата. Уште не сме виделе нешто такво, но ако се точни, тоа ќе биде добар знак“, вели Џеј Карни, портпарол на Белата куќа.

На Крим, руската војска почна да ја враќа застарената украинска опрема и да носи своја модерна. Во напуштените украински бази пристигнаа првите 10 тенкови

„Денес тргнаа првите возови, а утре и другите. Правиме распоред и ќе ја привршиме операцијата за еден месец“, изјави Дмитри Булгаков, заменик министер за одбрана на Русија.

Денеска стапува во сила и зголемувањето на цената на рускиот гас за Украина, која должи една ипол милијарда евра. Властите во Киев, освен на економски и меѓународен фронт, ја засилуваат борбата и на домашниот. Во голема полициска операција, уапсен е активист на радикалниот Десен сектор, одговорен за вчерашното пукање на Мајданот при кое беа ранети три лица. Полицијата го опколи хотелот Днипро, што групата го користеше како штаб, за да ги убеди да го предадат оружјето.

 

Ивана Салтировска