Пендаровски: Политиката подалеку од армиските редови
Промовирани новите офицери- потпоручници на Армијата. Свечена заклетва положи и новата генерација питомци на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“. На најдобро рангираните потпоручници од 21-та класа, доделени награди...
Заклетва на питомците на 25-тата класа на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ и промоција на новите офицери – потпоручници од 21-та класа. Офицерскиот чин за нив значи чест, достоинство и одговорност кон Армијата и кон татковината.
Претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски им порача- од вас очекуваме да внесете нова енергија, нови знаења и вештини во структурите на Армијата и сето она што го научивте во изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците со што ќе придонесете за зацврстување на борбената готовност и моралот на Армијата. Шефот на државата предупреди - политиката подалеку од армиските редови, сите војници да ѝ служат на државата независно.
„Она што е многу важно и што мора сите заедно да го правиме, секој ден, без исклучок, за време на целиот работен век е да ја држиме политиката што подалеку од армиските редови. Вие морате да ѝ служите на државата, независно од политичките гарнитури на власт и независно од вашите лични и политички убедувања. Затоа што тоа е фундаментот на секоја професионална армија, политиката мора да биде надвор од војската“, нагласи претседателот Пендаровски.
Наградите на најдобро рангираните потпоручници од 21-та класа, им ги додели министерката за одбрана Радмила Шекеринска .
Марина Стојанова Тонева
