Потребна е дебата за задолжителната вакцинација против Ковид-19
Омикрон се шири во Европа. По појавата на новата варијанта, во Европската унија се најавува дебата за евентуална задолжителната вакцинација. Меркел ваква опција најавува во февруари. За генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш, затворањето на границите не е ефикасно...

По појавата на новата варијанта Омикрон во повеќе европски земји, Фон дер Лајен најави дека се согласува во рамките на Европската унија сериозно да се дебатира за задолжителната вакцинација. Истакна дека ќе бидат потребни околу 100 дена за научната заедница да го приспособи одговорот на вакцината на новиот сој на вирусот.
„Две години од почетокот на пандемијата со Ковид-19, имаме не една, туку многу вакцини, како и многу други ефективни алатки против на Ковид-19. Вирусот нема едноставно да исчезне. Ги повикувам земјите- членки да ја отстранат секоја бриера за зголемување на производството на вакцини и ги повикувам сите земји кои ветија дека ќе донираат вакцини да го остварат ветувањето“, рече Тедрос Аданом Гебрејсус, генерален директор на СЗО.
Од 13-ти декември, во земјите на Европската унија, вакцината на „Фајзер“ ќе биде достапна и за децата од петгодишна возраст. Според препораката, приоритет ќе имаат децата со висок ризик од развој на тешки форми на болеста.
Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, пак, го зголемува притисокот на невакцинираните во земјата. Препорачува на луѓето кои не се потполно вакцинирани против Ковид-19 да им се забрани одењето во ресторани, кина и продавници кои не се неопходни. Исто така, повикува на задолжителна вакцинација против Ковид-19 почнувајќи од февруари 2022-ра година.
Поради надолниот тренд на четвртиот бран на епидемијата, Словенија, пак, не размислува за воведување задолжителна вакцинација.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш, порача дека затворањето на границите поради Омикрон варијантата на коронавирусот е длабоко неправедно, казнувачко и неефикасно.
Споменувајќи ја Јужноафриканската Република којашто на 24-ти ноември ја пријави појавата на варијантата Омикрон поради што многу земји во светот ги затворија границите за нејзините и граѓаните од соседните држави од југот на Африка, челникот на ОН оцени дека земјите не би смеело да бидат колективно казнувани бидејќи индентификувале и споделиле клучни научни и еподемиолошки информации со светот.
Марина Ристова
