Ковид-19

Даниловски за Омикрон: Причина за загриженост има, но нема простор за паника

02.12.2021 14:37

Епидемиологот Даниловски за МТВ вели дека новиот сој Омикрон брзо се шири и дека здравствените власти доцнат со мерките. Смета дека земјава требаше одамна да ги затвори границите за да не ни се повтори Делта. Сепак Даниловски е оптимист- причина за загриженост има, но нема место за паника. Треба уште малку да издржиме...

Причина за загриженост има, но нема простор за паника, вели доктор Даниловски, зборувајќи за новиот сој Омикрон. Апелира - да не се дозволи не ни се повтори сценариото со Делта сојот кој слободно го пуштивме да влезе во земјава и повикува на засилена контролата врз лицата кои патуваат.

Даниловски смета дека и во Македонија треба да има можност за избор на вакцина. Според него, „Фајзер“ се покажа како најимуногена вакцина која е особено соодветна и за постари граѓани и оние со хронични заболувања. Вели дека достапна треба да биде и вакцината „Спутник“, но и кинеската која е погодна за помладите генерации.

Во првичната анализа на Министерството за здравство за ефективноста на вакцините во спречување на хоспитализацијата и смртноста од Ковид- 19 во Македонија, утврдено е дека од први до девети месец годинава, од вкупно 16.691 хоспитализација, 1.114 биле по вакцинација кај целосно вакцинирани лица.

Во однос на смртноста пак, за истиот период, од вкупно 3.947 смртни случаи од Ковид-19, 179 се регистрирани кај целосно вакцинирани лица. Анализата утврдува и дека вакцините од различни производителите немаат големи разлики во ефективноста за спречување на смрт од Ковид- 19, но има разлики во спречувањето на хоспитализацијата.

Процентуално, ефективноста на две дози од било која вакцина во спречување хоспитализација е 88,7 проценти, а во спречување на смрт е над 91 процент.

 

Марија Котовска