Внатрепартиски консултации во СДСМ и Алтернатива
Премиерот Заев и лидерот на Алтернатива, Гаши иако направија исчекор, не постигнаа конечен договор за евентуален влез на партијата во Владата. Во тек се внатрепартиски консултации. Не се исклучува можноста деновиве да има нова средба. Неофицијално, Алтернатива бара едно вицепремиерско и министерско место. „Копјата“ најмногу се кршат за барањето на Гаши, Министерството за здравство да го води кадар од Алтернатива...
Продолжуваат внатрепартиските консултации во СДСМ и Алтернатива. Иако има исчекор, сѐ уште не е постигнат конечен договор. Можна нова средба Заев- Гаши в петок. Неофицијално, Алтернатива бара едно вицепремиерско и министерско место. Гаши инсистира нивни кадар да го води ресорот здравство.
По реакцијата на Алијанса за Албанците дека нивниот доскорешен коалициски партнер ги изневерил нивните очекувања, со реакција се огласија и од Алтернатива, велат Алијансата за Албанците останува наш политички партнер и соработник.
„Бидејќи веќе поминавме два изборни циклуси во коалиција со Алијансата за Албанците, нашата соработка всушност е достојно реализирана. Сепак, останува отворена можноста оваа соработка да продолжи и на следните избори кога и да се одржат. За нас Алијансата на Албанците не е противничка страна, затоа за нас не е најдобар начин на комуникација да пресметаме кој со кого и колку пати се сретнал, бидејќи така ќе станеме непотребни должници“, велат од Алтернатива.
Државата е втурната во политичка и енергетска криза од владата на СДСМ и ДУИ, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, единствен излез се брзи предвремени парламентарни избори.
А, во СДСМ најавени уште две номинации за лидер на партијата. Најава дека се вклучува во трката од актуелниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, а се споменува и името на поранешниот организациски секретар Миле Зечевиќ. Официјално има две номинации, од актуелниот заменик- министер за финансии Димитар Ковачевски и Фросина Ременски, екс- пратеник и потпретседател на партијата.
На 12-ти декември челници на партиите ќе бираат и СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ. Засега кај опозицијата само Мицкоски најави кандидатура.
Наташа Гркова- Петрушевска
