Автобуска несреќа во Бугарија

Независна истрага утврдила неправилности на патот

02.12.2021 15:12

Заврши идентификацијата на телата на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија. Телата на 45 наши сограѓани, кои пред 10 дена го загубија животот на автопатот „Струма“, во земјава утре ќе бидат пренесени од Софија со два воени авионa. Од Меѓународниот аеродром Скопје, преку организиран државен протокол, посмртните останки ќе им бидат предадени на семејствата. Истрагата за автобуската несреќа сѐ уште е во тек...

Неправилно биле поставени банкините кои се наоѓаат на автомагистралата „Струма“ на местото каде се случи автобуска несреќа, констатирале меѓународните експерти ангажирани од Институтот за патна безбедност од Бугарија при независната експертска проверка за условите на патот. Во извештајот меѓудругото се вели- увидот утврдил дека заштитните патни системи, заштитните огради не се поставени според барањата.

„Сигурно имало претходна несреќа во истата област. Приклучокот на заштитната ограда е неправилно монтиран со две завртки наместо четири, по потреба. Ова е причината поради која заштитната ограда се скинала и покрај малата брзина со која удрил автобусот. Утврдено е и дека недостасуваат знаци, а има и оштетени ознаки“, стои во извештајот.

Институтот овие наводи од анализата, преку отворено писмо ги испратил до Бугарското јавно обвинителство и до Министерството за регионален развој достапно за јавноста и на неговата Фејсбук страница. Според информациите на институтот, регионалната управа за патишта два месеци пред несреќата утврдила дека на местото фалел знак и истите бараат истражните органи таквата информација да ја проверат.

Официјалниот извештај, пак, од истражителите сѐ уште не е готов. Обвинителката Русковска посочи дека не сака да шпекулира. Сепак, смета дека нафтата многу тешко се пали, но можно е да имало многу искри и тоа да било причината за пожарот.

Сите загинати во сообраќајната несреќа се идентификувани и тие со два бугарски воени авиона ќе бидат транспортирани до меѓународниот аеродром во Скопје, изјави директорот на Националната истражна служба во Бугарија, Борислав Сарафов. Ова беше потврдено и од македонското МНР.

Седумте повредени патници, од кои шест се наши, а еден српски државјанин, веќе се транспортирани во земјава.

Фиљана Кока