Охрид: 65 проценти од граѓаните се вакцинирани против Ковид-19
Големиот број на вакцинирани лица дава придонес состојбата со Ковид-19 во Охрид веќе подолг период да биде стабилна. За тоа говори и бројот на хоспитализирани лица во изминатите два месеци, кој се движеше помеѓу пет и седумнаесет пациенти. Од охридскиот Здравствен дом апелираат до лицата над и под осумнаесет години, кои засега го избегнуваат вакцинирањето, што поскоро да се имунизираат бидеќи на тој начин ќе се заштитат себе си и членовите на нивните семејства...

Охрид го зазема второто место во државата по бројот на имунизирани лица од Ковид-19. Дури 65 проценти од граѓаните над 18 години се вакцинирале, а во моментов доминира вакцинацијата со трета доза. Сепак од охридскиот Здравствен дом не се задоволни поради тоа што лицата над 18 години, а особено оние под таа старосна граница избегнуваат да се вакцинираат пред се поради предрасуди и недоволната информираност за имунизацијата.
„Правиме напори и тоа ние во систематските прегледи, при систематските прегледи да ги информираме младите и родителите за значењето на вакцинацијата, меѓутоа бараме помош и од матичните лекари затоа што тие се многу често со децата за значењето на вакцинацијата да се објасни уште повеќе“, изјави д-р Соња Мариноска, Здравствен дом Охрид.
Бројката на заразени и хоспитализирани лица во Охрид веќе подолг период е стабилна. Во моментов во модуларната болница има 17 пациенти од кои 10 се на кислородна подршка.
„Целиот овој период и те како е стабилна состојбата во Охрид. Значи имавме еден период до 5, последните десет дена имаме некаде од 11 до 17 пациенти. Така што целиот овој период да кажам после тој летен период кога имавме 52 пациенти имаме изразено стабилна состојба со околу 30 до 40 прегледи максимум“, вели д-р Горан Балевски, директор на Општа болница Охрид.
Балевски се надева дека ваквата состојба нема да се менува, но сепак нагласува дека коронавирусот е непредвидлив и никој не може да гарантира дека ќе нема нов голем бран. Поради тоа болницата има резервен план кој може да се активира за кус период што ќе овозможи згрижување на сите пациенти на кои им е потребна лекарска нега.
Сашо Нелоски
