Автобуска несреќа во Бугарија

Се очекува да пристигнат посмртните останки од жртвите во несреќата кај „Струма“

03.12.2021 08:29

Со два воено-транспортни авиони денеска се очекува да пристигнат посмртните останки на 45 македонски државјани кои загинаа во сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“, што се случи на 23-ти ноември на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник.

„Посмртните останки на загинатите граѓани во автобуската несреќа во Бугарија после нивниот транспорт на аеродромот во Скопје, веднаш ќе бидат упатени кон нивните домови и вечни почивалишта“, соопштија од МНР.

Оваа измена доаѓа согласно барањата на дел од семејствата на загинатите. За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, сѐ уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот.

МНР првично најави поворка која требаше да се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град.

Несреќата ја преживеаја само седум патници кои беа хоспитализирани во софиската болница „Пирогов“, а последниот од нив завчера беше вратен во Скопје.

Истрагата за автобуската несреќа сѐ уште е во тек.