Започна втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија
Компаниите, согласно Акцискиот план за либерализација на пазарот на електрична енергија во Република Македонија, кои спаѓаат во квалификуваните потрошувачи, од денеска можат самостојно да учествуваат на пазарот на електрична енергија...

222 компании со повеќе од 50-тина вработени и вкупен приход од 10 милиони евра излегоа на слободниот пазар на струја. Почна втората фаза од либерализацијата. Фирмите очекуваат дека ќе се намалат трошоците за електрична енергија. Поевтинувањето според нив, ќе достигне и до 25 проценти.
Компаниите, согласно Акцискиот план за либерализација на пазарот на електрична енергија во Република Македонија, кои спаѓаат во квалификуваните потрошувачи, од денеска можат самостојно да учествуваат на пазарот на електрична енергија.
Тие беа должни да се регистрираат како учесници на пазарот на електрична енергија согласно Правилата за пазар на електрична енергија и да склучат договор со снабдувач со електрична енергија или трговец со електрична енергија за наредната година најдоцна 30 дена пред денот на стекнувањето на својството квалификуван потрошувач.
Околу 120 од квалификуваните потрошувачи веќе склучиле договор за снабдување со електрична енергија со ЕВН Снабдување, а останатите компании со ЕДС (Energy Delivery Solutions).
„Оние кои потпишаа договор со нас не мора воопшто да се грижат за тоа дали ќе ја потрошат целата побарана енергија или не, нашето искуство и екпертиза околу планирањето им стои на располагање. Балансирањето на потрошувачката ќе биде наша грижа“, изјави вчера менаџерот на „ЕВН Снабдување“ Нико Беберу.
Оние компании, пак, што потпишале договор со ЕДС пред почетокот на либерализацијата на пазарот, според менаџментот на снабдувачот, ќе добијат до 20 проценти поевтина струја. Веќе е формирана балансна група на компании кои потпишале договор со ЕДС и е доставена до Регулаторната комисија за енергетика.
„Нашата компанија има одлични цени и услови. Ја имаме најголемата балансна група, а тоа значи исполнување на сите обврски без никакви пречки. Кога ја немате поддршката на балансната група, ризикот за набавка и продажба на струја по дадени услови е голем. ЕДС понуди и се уште нуди пониска цена, сигурност и квалитет на испорака на електрична енергија“, изјави неодамна Кочо Анѓушев, сопственик на ЕДС.
