Ангела Меркел заминува од политичката сцена
Германската канцеларка Ангела Меркел заминува од политичката сцена. Во својот долгогодишен мандат како канцелар се соочуваше со бројни предизвици, но како најтешка задача ги издвои бегалската и финансиската криза од 2015 и 2018 година. Идната недела, нејзината функција ќе ја преземе социјалдемократот Олаф Шолц.

„Не толерирајте омраза“, порача Ангела Меркел на прошталната церемонија во Берлин на која присуствуваа членовите на политичката елита, освен радикалната „Алтернатива за Германија“ која не беше поканета. Канцеларската функција ќе ја напушти по 16 години владеење, следната недела, кога социјалдемократот Олаф Шолц треба да положи заклетва. Свеченоста се одржа во германското Министерство за одбрана поради пандемијата со коронавирусот.
„16 години како федерален канцелар минаа со многу настани и предизвици. За мене, тоа беа и политички и приватни предизвици, но во исто време ме исполнуваа“, нагласи Меркел.
67-годишната Меркел ја водеше Германија, а и Европа низ неколку кризи, но како најсложени задачи ги наведе финансиската криза во 2008, и бегалската во 2015 година.
„Тоа ни покажа колку ни е потребна соработката преку националните граници и колку се важни меѓународните институции и мултилатералните инструменти за да можеме да се справиме со големите предизвици на нашето време, меѓу кои се климатските промени, дигитализацијата, бегалците и миграцијата“, рече Меркел.
Според традицијата која датира уште од 16 век, личноста во чија чест се одржува церемонијата избира три песни коишто ги изведува воениот оркестар. Покрај христијанската химна „Господе, Ти го славиме името“, и популарната шансона на Хилдегард Кнеф „Ќе паѓаат црвени рози за мене“, за Меркел беше отсвирена и песна од панк-иконата Нина Хаген од Источна Германија под наслов „Го заборави филмот во боја“, во спомен на периодот од нејзината младост. На своите наследници им посака среќа и просперитет.
„Сега наредната влада ќе треба да наоѓа одговори за предзивиците пред нас и да ја создаваат иднината“, додаде Меркел.
Медиумите веќе грубо пресметаа дека Меркел ќе може да смета на пензија од 15.000 евра. Како поранешен висок државен функционер ќе има доживотно право на лично обезбедување, службен автомобил, како и канцеларија во Бундестагот и двајца советници и секретари. Во владата на наредниот канцелар Шолц, како министер за надворешни се предлага Ана Бербок, претседателката на Зелените.
Маја С. Филдишев
