Здравство

Поради малиот број пациенти, во Велес се затвори модуларната болница

03.12.2021 14:17

Во велешко опаѓа бројот на активни случаи со Ковид-19, опаѓа и бројот на згрижени пациенти со проблеми поради корона вирусот, па се затвори модуларната болница...

По три месеци работа, денес се затвори модуларната болница во Велес, каде се згрижуваа пациенти позитивни на Ковид-19. Изминатата седмица се бележеше континуирано опаѓање на бројот на згрижени лица во трите ковид одделенија од велешката болница, кои имаа проблеми од корона вирусот. Утрово во модуларната имало петмина пациенти, од Велес и од Свети Николе.

Освен што се намалуваше бројот на пациенти со Ковид-19 во велешката болница, деновиве се намалува и бројот на активни случаи. Има сѐ повеќе оздравени отколку новозаразени. Но, затоа во месец ноември имаше висок број на починати 32 лица, поради проблем од корона вирусот.

Затоа пак, продолжува вакцинацијата во Здравствен дом Велес. Од почетокот на месецот се аплицира единствено вакцината „Фајзер“.

Откако Владата се откажа од најавените рестриктивни мерки во борбата со вирусот, опадна и заинтересираноста за вакцинација во велешко. Заклучно до 28-ми ноември, вакцинирани се 48 отсто од населението над 12 годишна возраст или категоријата над 18, има одѕив од 52%.

Петар Печков