Останките на загинатите во автобуската несреќа пренесени во земјава
Изутрината со два воени авиони на бугарското воздухопловство на скопскиот меѓународен аеродром беа пренесени посмртните останки на настраданите во автобуската несреќа. Почести, траор, достоинство пред државниот врв, но и пред високите гости на аеродромската писта. По церемонијата телата на жртвите беа транспортирани до семејствата на загинатите…

Со два часа задоцнување поради временските прилики, на скопскиот аеродром пристигнаа двата воено-транспортни авиона од Бугарија, кои ги донесоа 45-те трагично загинати македонски државјани на кобната делница „Струма“.
Телата на загинатите, на аеродромската писта беа пречекани од страна на целиот државен врв на земјава. На церемонијата за оддавање на последна почит на скопскиот аеродром присуствуваа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министри во Владата, странски делегации и претставници на Исламската верска заедница.
Сепак на инсистирање на семејствата на загинатите, процедурата се одвиваше во длабока тишина, скромно, и без специјални протоколи.
Веднаш по изнесувањето на 45-те лимени сандаци од воените транспортни авиони, посмртните останки беа сместени во погребните возила. Последна почит и венци положени од државниот врв, претседателката на Косово, претседателката на албанското Собрание и бугарскиот амбасадор во земјава. Телата на починатите со поворка испратени до нивните вечни почивалишта.
Во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во близина на Перник загинаа 45 лица од кои 12 деца. Седум патници ја преживеаа најголемата несреќа на копнениот сообраќај во Европа во изминатава деценија. Тие се лекуваа на клиниката „Пирогов“ во Софија, па беа пренесени на скопските клиники. Двајца од нив се пуштени на домашно лекување.
Автобусот со кој се возеле патниците на „Беса транс“ немал дозвола за меѓународен транспорт, но тоа беше откриено откако се случи несреќата, по што Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата за работа на фирмата.
Кои се причините за несреќата треба да покаже истрагата која ја спроведува бугарското обвинителство. Нема да има паралелна истрага во Македонија.
Марина Стојанова Тонева
