Ковид-19

Новата варијанта Омикрон потврдена во Њујорк

03.12.2021 15:43

Американскиот претседател Бајден ги повика Американците да примат трета доза од вакцината против Ковид-19 и да го поддржат неговиот план за контрола на новиот сој, преку поголема достапност на вакцините, но без драстични ограничувања во секојдневниот живот...

Властите во Њујорк потврдија дека имало пет случаи на новата варијанта на коронавирусот, Омикрон. Порачаа дека нема причина за паника и ги повикаа жителите да продолжат да се вакцинираат и да носат маски. Иако присутен во Њујорк, градоначалникот Де Блазио рече дека треба повеќе да се фокусираме на варијантата Делта.

„Сè уште немаме конкретни информации за тоа како вакцините фунционираат со оваа варијанта, но таа е реална. Објавивме случај од Минесота директно поврзан со градот Њујорк и со поединци кои учествувале на конвенција во центарот Џавитс помеѓу 18 и 22 ноември. Личноста веќе се опоравила“, изјави Кети Хочул, гувернер на Њујорк.

„Знаеме дека сега имаме случаи овде во Њујорк. Мора да претпоставиме дека тоа значи дека ќе имаме многу повеќе случаи“, рече Бил Де Блазио, градоначалник на Њујорк.  

Бајден: Американците да примат трета доза

Американскиот претседател Бајден ги повика Американците да примат трета доза од вакцината против Ковид-19 и да го поддржат неговиот план за контрола на новиот сој, преку поголема достапност на вакцините, но без драстични ограничувања во секојдневниот живот.

„Ќе ја забрзаме испораката на повеќе вакцини во земјите на кои им е потребна и ветувам дека ќе испорачам уште двесте дози во следните 100 дена“, изјави Бајден.

Нови мерки во Европа

Во Швајцарија околу 2.000 луѓе, од кои повеќето деца, биле ставени во карантин откако во едно училиште биле откриени два случаја на сојот. Поради новиот подвид и Хрватска донесе нови мерки.

„Пандемијата не се намалува. Бројот на луѓе во Хрватска кои починале од Ковид-19 изнесува над 11.000. Тоа е огромен број од почетокот на пандемијата“, изјави премиерот Андреј Пленковиќ.

„Очекувам помирен Божиќ, но можам да додадам и дека многу епидемиолози го очекуваат петтиот бран во февруари, без разлика на новата варијанта на вирусот. Треба да бидеме крајно претпазливи“, рече Вили Берош, министер за здравство на Хрватска.

Инаку според истражувањата, Омикрон има „значајна“ способност да го заобиколи имунитетот стекнат по претходна инфекција со другите соеви на Ковид-19.

 

Марина Ристова