Политика

Мицкоски: Немаме намера да почитуваме едностран договор со Бугарија

03.12.2021 15:23

Оваа влада е жестоко поразена на локалните избори, а се договара еднострано со Софија, тврди лидерот на опозицијата Мицкоски. Од Прилеп тој му порача на бугарскиот претседател Радев дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи асимилирање на македонскиот народ. Утре Алтернатива решава за влез во Владата...

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека премиерот Зоран Заев сака да потпише нов договор со Бугарија преку кој делумно или целосно ќе биде прифатена резолуцијата од бугарскиот парламент изгласана пред една година. Тоа, смета Мицкоски би значело асимилација на македонскиот народ и удар врз идентитетот. Тој и со директна порака до властите во Бугарија дека таквиот нов договор нема да биде прифатен.

Мицкоски вели дека може да обезбеди мнозинство од 61 пратеник кои ќе побараат одржување на предвремени парламентарни избори. За него главен арумент е дека Владата не се снаоѓа со енергетската и здравствената криза, ниту пак со реформите.

Во меѓувреме Заев и Гаши преговараат за влез на алтернативците во Владата. Алтернатива в сабота на централно собрание ќе ги разгледува досегашните постигнувања на нивниот лидер Гаши во разговорите со премиерот Заев. Не е исклучена нова средба викендот меѓу двајцата.

Досега се разговара само за функционирање на владата, а според изјавите сѐ уште не е дојдено до кадровските решенија и до моментот кои се барањата на Алтернатива, и кои Заев и ДУИ се подготвени да ги прифатат.

Миле Ристески