Алтернатива официјално дел од владината коалиција
Здравство, информатичко општество и администрација, министер без ресор задолжен за дијаспора – кадри на Алтернатива ќе бидат на овие позиции во новиот владин кабинет. Премиерот Заев вели дека се водел од императивот за стабилно парламентарно мнозинство и оти вонредни избори би ја втурнале земјата во нова политичка криза. Гаши ветува – ќе го дадеме најдоброто за да стигнеме до преговори со Европската унија...
Алтернатива е официјално дел од владината коалиција, а парламентарното мнозинство сега брои 64 пратеници. Се водевме од императивот за стабилно парламентарно мнозинство со цел крај на опструкциите во Собранието, беше истакнато на заедничката прес-конференција на Заев и Гаши.
Надградената програма за работа на македонската влада ќе се базира врз девет основни начела, а прв меѓу нив е мобилизирање на сите капацитети со цел почеток на преговорите со Европската унија. Ваеднаш по него е и начелото кое предвидува владата да побара од Европската комисија експерти за меѓународна истрага за случаите во кои постојат сомневања за политичко влијание, како „Монструм“ и „Диво насеље“.
Од министерски мест, Алтернатива ги добива Министерствата за здравство, информатичко општество и администрација и Министерството без ресор за дијаспора. Според најавите на премиерот Заев, ќе бидат формирани и нови дополнителни министерства без ресор. Во однос на заменик- министерските места, Алтернатива добива заменик- министер во образование и во култура, а за третото место сѐ уште се разговара, иако најверојатно ќе стане збор за ресорот земјоделство.
Алтернатива ќе добие и повеќе места во раководните и управувачки органи, а како поважни се издвојуваат МЕПСО, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Железници, Агенција за странски инвестиции и други.
Премиерот Заев истакна дека новото стабилно парламентарно мнозинство е гаранција и порака до Брисел и до Софија дека сме подготвени да работиме за надминување на проблемите.
Почеток на преговорите со Унијата ни треба веднаш, бидејќи ги исполнивме сите услови, беше истакнато на прес- конференцијата.
Марија Котовска
