ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски во трка за нов четиригодишен мандат

05.12.2021 17:23

50 делегати поднесоа иницијатива за номинација на Христијан Мицкоски за избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ на претстојниот партиски конгрес. Велат дека поддршката е резултат на неговото досегашно одговорно раководење со партијата, напорот којшто го вложил кон стабилизирање на внатрешните состојби и на постигнатите резултати од последните локални избори. Меѓу потпишаните се пратеници и градоначалници …

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во трка за нов четиригодишен мандат. На кандидатурата се потпишале 50 делегати и ja поднеле до партиските органи.

Дадената недвосмислена и безрезервна поддршка е резултат на неговото досегашно одговорно, чесно и квалитетно раководење со партијата, големиот напор којшто го вложи кон стабилизирање на состојбите во најголемата политичка партија и на постигнатите позитивни изборни резултати, пишува во формална иницијатива за номинација на Мицкоски.

Делегатите веруваат дека повторниот избор на Мицкоски ќе биде дополнителен поттик за идното раководство, членовите на партијата и граѓаните на Македонија уште повеќе заеднички да се заложат за целосно спроведување на програмските определби на партијата со силен државотворен карактер и кадровски капацитети кои ветуваат непречен политички и економски развој на нашата татковина.

Меѓу потпишаните делегати на 17-тиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ за кандидатурата на Мицкоски се и пратениците Дафина Стојаноска, Антонијо Милошески, Ели Панова, градоначалниците Тимчо Муцунски, Бобан Стефковски, Александар Стојкоски, Орце Ѓорѓиевски, Дарко Костовски, Борче Митевски, Стевче Трпковски, Коста Маневски, Иван Јорданов, Кирил Пецаков, Борче Јовчески.

Потписници се и претседателите на униите, Жаклина Пешевска, Сергеј Попов на Унија на млади сили, Александар Пандов, како и директорот на центарот за комуникации Луке Галески, и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Ова е прва кандидатура која пристигнала до партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ. Конгресот за избор на нов лидер е закажан за 12-ти декември до кога ќе може да се доставуваат кандидатурите.

Претседателот Мицкоски најави дека доколку ја добие довербата од членството за нов мандат ќе прави структурни промени во партијата.

Викторија Милевска