Не се исклучува можноста да се замрзнат цените и на други продукти
Министерот за економија вели дека не се исклучува можноста да бидат замрзнати цени и на други продукти за да се намали притисокот врз џебот на граѓаните, откако владата ја запре евентуалната промена на чинење на основните прехранбени производи. Бектеши беше домаќин на неговиот словенечки колега Здравко Почивалшек.

Цените на електричната енергија и директно и индиректно влијаат врз производството и трговијата. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека затоа одлучиле како референтна цена да биде цената што била формирана на 1-ви декември.
„Одлуката ја донесовме, имајќи ги предвид податоците од Заводот за статистика за цените на домашниот пазар во месецот октомври и најавите во делот на зголемувањето во месец ноември. Ваква одлука донесовме само заради тоа граѓаните да немаат голем импакт во делот на трошоците што ги имаат тие“, изјави Бектеши.
Во време на вакви кризи додава Бектеши, многу е важно сите да бидеме солидарни и да ги намалиме маржите во прозиводството и во трговијата, а државата согласно капацитетите што ги има ќе им излезе во пресрет на сите овие чинители во нашата економија.
Откако владата ги замрзна цените на основните прехранбени продукти како што се сувомесните производи, млекото, зејтинот и брашното, не ја исклучуваат можноста да бидат замрзнати цените и на други продукти и тоа како што велат, сѐ со цел да се намали импактот врз џебот на граѓаните, предизвикан од енергетската криза и кризата создадена од ковид пандемијата.
Вицепремиерот и министер за економски развој и технологија на Република Словенија Здравко Почивалшек, кој е во официјална посета на земјава, вели дека и тие размислувале да ги замрзант цените на нафтата и на плинот, но стравувале дека може да се случи како во бивша Југославија, да нема стока и плин.
Вицемремиерот Почивалшек најави економска соработка и поддршка од Словенија за добивање на датум за преговори, но и голема инвестициска размена помеѓу двете земји. Словенечките инвестиции во Македонија се над 400 милиони евра, а работат над 40 компании кои вработуваат 2.500 лица.
Александра Спировска
