Ескобар во посета на земјава

Американска поддршка за брза европска интеграција

06.12.2021 12:24

Американскиот заменик- помошник секретар за Европа и евроазиски прашања Габриел Ескобар со посета на земјава во знак на силна поддршка за македонските евроинтеграции. Ескобар на средбите со државниот врв истакна дека работат со европските партнери за наоѓање на решение за блокадата на евроинтегративниот процес...

Силна американска поддршка за брза европска интеграција на Северна Македонија. Заменик- помошникот секретар за Европа и евроазиски прашања, Габриел Ескобар по средбата со шефот на дипломатијата Османи во Скопје откри дека работат со своите европски партнери за почеток на преговори што е можно побрзо. Специјалниот претставник за Западниот Балкан, без да го спомне бугарското вето, истакна дека потребна е флексибилност во процесот на евроинтеграција.

„Северна Македонија е дел од Европа, културно, историски и економски дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да се покаже флексибилност во процесот на европски интеграции, како и продолжување на реформскиот процес за да тоа стане реалност“, изјави Ескобар.

Министерот за надворешни Османи по средбата со американскиот дипломат оцени дека иако има малку време до крајот на годинава, постојат можности за вонреден европски совет за усвојување на преговарачката рамка за време на словенечкото претседателство доколку Скопје и Софија постигнат договор.

Претседателот Пендаровски на средбата со Ескобар го повтори очекувањето за скорешен почеток на преговорите со ЕУ, истакнувајќи дека деблокадата на евроинтегративниот процес позитивно ќе влијае на стабилноста и развојот на регионот. Двете држави како стратешки партнери и сојузници во НАТО на средбите во Скопје се заложија за поголема економска и безбедносна соработка.

Ирина Гелевска