Омикрон е помалку опасен од Делта- тврди американскиот инфектолог Фаучи
Извештаите од Јужна Африка, каде што се појави и станува доминантен вид, покажуваат дека стапката на хоспитализација не е алармантно зголемена. Администрацијата на Вашингтон размислува да ги укине ограничувањата за патување од неколку африкански земји...

„Омикрон е помалку опасен од Делта“ – тврди доктор Ентони Фаучи, инфектолог и главен советник на американскиот претседател Џо Бајден. Извештаите од Јужна Африка, каде што се појави и станува доминантен вид, покажуваат дека стапката на хоспитализација не е алармантно зголемена. Администрацијата на Вашингтон размислува да ги укине ограничувањата за патување од неколку африкански земји. Омикрон е откриен во третина од американските држави, вклучувајќи го североисточниот, јужниот и западниот брег.
„Дневно имаме од 90 до 100 илјади случаи, а 99,9% од нив се делта. САД имаат проблем со делта-видот, а ние можеме многу да направиме во однос на оваа варијанта, имаме вакцини, трети дози“, изјави доктор Рошел Валенски, директор на Центарот за контрола на болести
Преку Пацификот, подготовки за најлошото сценарио во пандемијата. Јапонија од октомври регистрира пад на бројот на заразени, но владата не сака да ризикува. Покрај инвестициите во здравството, премиерот најави финансиска поддршка и за економијата.
„Дури и со прогресивното вакцинирање, некои европски земји имаат рекордни бројки на заразени лица. Постои ризик и од ширење на новиот вид омикрон. Во оваа криза користевме странски вакцини, но за да се подготвиме за идната, вклучувајќи ги и мутираните варијанти, ќе развиеме домашни вакцини и лекови“, изјави Фумио Кишида, премиер на Јапонија.
Стартиот континент продолжува со трендот на заострување на рестрикциите, особено пред празничната сезона. Италија, која беше едно од европските жаришта на почетокот на пандемијата, воведува т.н. „Супер зелен пасош“ за секој што примил трета доза. За разлика од досегашниот сертификат, оваа потврда нема да се издава на лица кои имаат негативен тест. Документот ќе биде задолжителен за посета на јавни и спортски настани, концерти, театри, ресторани и барови. Обичниот зелен пасош и натаму ќе се користи за локалниот транспорт, хотелите и трговските центри.
„Вакцинирањето не ми е проблем, напротив, подобро е да се обидеме да се ослободиме од пандемијата за да не умираат луѓе.“
„Ова е казна за сите, но мора да ги прифатиме новите правила и да се надеваме на најдоброто решение да избегнеме нови бранови.“
„Новата потврда е контрадикторна и ограничувачка. Рестриктивна е бидејќи не им дозволува на оние со негативен тест да одат во ресторани и барови, а контрадикторна зашто со неа овие луѓе ќе можат да одат да купуваат, па не разбирам која е поентата.“
Револтот кон најновите мерки и натаму се изразува во форма на протест во повеќе земји. Минатиов викенд вакви собири беа одржани во Белгија, Холандија, Каталонија и Австралија.
Досега во светот од Ковид-19 починале 5,26 милиони лица.
Маја С. Филдишев
