Шахпаска: Аудио-читачот „Хана“ достапен за слепите лица кои говорат албански јазик

06.12.2021 14:17

На промоцијата, која се одржа само неколку месеци по промоцијата на аудио читачот на македонски јазик – „Кико“, присуствуваа и заменик министерка за здравство и социјална заштита на Република Албанија, Денада Сефери, како и Сања Бојаниќ, заменичка постојана претставничка на УНДП, со чоја помош МТСП ја воспостави оваа апликација.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска заедно со првиот заменик претседател на Владата Артан Груби денеска го промовираа аудио-читачот на  албански јазик наречен „Хана“, кој на слепите лица и лицата со оштетен вид ќе им овозможи пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија. На промоцијата, која се одржа само неколку месеци по промоцијата на аудио читачот на македонски јазик – „Кико“, присуствуваа и заменик министерка за здравство и социјална заштита на Република Албанија, Денада Сефери, како и Сања Бојаниќ, заменичка постојана претставничка на УНДП, со чоја помош МТСП ја воспостави оваа апликација.

„Навистина беше предизвик изработката на една апликација која што ќе го олесни животот на слепите  лица и лицата со оштетен вид во нашата земја. Кога зборуваме за концептот едно општество за сите, јас искрено навистина верувам во овој концепт, затоа што убавината на еден општествен мозаик ја прават  различностите. При креирањето на оваа апликација  тргнавме од она што претставува мото на лицата со попреченост „ништо за нас, без нас“. И токму затоа во креирањето на оваа  апликација за слепи лица и лица со оштетен вид активно беа вклучени и претставници од Националниот совет за слепи лица на Северна Македонија, а клучна беше и поддршка што ни ја даде УНДП“, рече министерката Шахпаска, на денешната промоција на аудио читачот „Хана“.

Таа истакна  дека аудио читачот  „Хана “ ќе може да ја користат околу 5.000 слепи лица од регионот со мајчин албански јазик. Според неа, солидарноста и хуманоста претставуваат мостови за градење на пријателство меѓу соседите.