Ковид-19

МАЛМЕД: 230 пријави за несакани реакции од вакцина, сомнежи за два смртни случаи

06.12.2021 14:36

По истекот на рокот на важност или во услови кога не е запазен режимот на транспорт вакцините се уништуваат- уверуваат од Агенцијата за лекови. Велат дека вакви одобренија биле издадени за одредени дози на „Астра Зенека“, „Фајзер“ и „Синофарм“. 40 насто од вакцините во државава се донација и тие поминуваат низ исти контроли како и оние што државата ги набавила преку директни договори со производителите...

До МАЛМЕД досега пристигнале околу 230 пријави за несакани реакции од вакцина. Најчестите се главоболка, болка во екстремитетите или на местото на апликација на вакцината, вртоглавица. Надлежните велат дека овој процент е многу мал. Меѓу неочекуваните ефекти биле болки во градите, тромбоцидни и алергиски реакции. Сите случаи лекарски се третирани, а пациентите се опоравени.

Од МАЛМЕД информираа дека заклучно со 31-ви октомври, во земјава се пријавени сомнежи за два смртни случаи после примена вакцина против Ковид- 19, кај пациенти на возраст од 53 и 85 години. Но, властите посочуваат дека ова треба да се потврди од центарот УПСАЛА и Институтот за јавно здравје, бидејќи засега станува збор само за сомнеж и не мора да значи дека вакцинацијата довела до смртен исход.

Директорот на Агенцијата за лекови, Шабани рече дека досега се издадени решенија за уништување на некои серии на „Фајзер“, „Астра Зенека“ и „Синофарм“, најчесто поради истекот на важност на рокот или отстапување од ладниот ланец на транспорт.

Опфатот со вакцинација со две дози е 47% од граѓаните над 18 години.

Александра Спировска