Инвестиции

Француски „Акио енерџи“ ќе гради соларен парк вреден 270 милиони евра кај Штип

07.12.2021 13:13

Промовиран стратегискиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, на компанијата „Акио енерџи“, најголема француска инвестиција во земјава во последните 15 години. Капацитетот за производство на електрична енергија ќе биде од 350 до 400 мегавати. Проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра.

Соларениот парк „Стипион“ ќе се гради на 452 хектари во Штип. Станува збор за директна гринфилд инвестиција, што ќе ја реализира компанијата „Акио енерџи“. Ова е најголема француска инвестиција во изминатите 15 години. Капацитетот за производство на електрична енергија е од 350 до 400 мегавати, а изградбата на фотонапонската електрана се проценува дека ќе чини околу 270 милиони евра. Во фаза на подготовка е законот за оваа инвестиција, кој се очекува да се донесе во првата половина од 2022 година. Премиерот Зоран Заев најави амбициозен план за користење на извори од обновлива енергија.

„Ние донесовме стратегија со која се предвидува до 2040 година да се изградат 1.400 мегавати фотонапонски електрани и над 750 мегавати од ветерни електрани. Заедно со производството на електричната енергија од хидроелектраните се предвидува дека до 2040 година 80 проценти од произведената енергија ќе биде од обновливи извори“, изјави премиерот Заев.

Овој стратегиски проект, кој во својата основа ги имплеметира европските стандарти, ја мапира земјава како сериозен партнер за долгорочни инвестиции на странски компании и ѝ ги отвра вратите на меѓународен план – оценува францускиот амбасадор Бомгартнер.

„Овој соларен парк ќе биде најголемиот кој досега е изграден во овој регион од Западниот Балкан. Оваа инвестиција исто така има големо стратешко значење, бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на Северна Македонија, истовремено помагајќи ѝ на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглероден диоксид“, нагласи францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.

Согласно планот првите количини на електрична енергија ќе протечат во 2023 год, а целосна реализација на проектот се очекува до крајот на 2024 год.

„Вие поседувате добра кои никој не може да ви ги земе, а тоа е сонцето. Благодарение на тоа произведувате електрична енергија од обновливи извори“, нагласи Ерик Ското, претседател на компанијата „Акио енерџи“ од Франција.

Се проценува дека „Стипион“ ќе биде прв и најголем соларен парк на Балканот.

 

Марина Стојанова Тонева