Заев на средба со партнерите, владините приоритети остануваат исти
По синоќешната средба во Владата, дел од помалите коалициски партнери на СДСМ, отворено побараа повеќе министерства без ресор. За нив, спорни се неколку моменти од договорот, особено околу меѓународна истрага за некои судски процеси...

Договорот меѓу премиерот Заев и лидерот на Алтернатива Гаши, на владејачката коалиција ѝ донесе стабилно парламентарно мнозинство. Но, по синоќешната средба во Владата, дел од помалите коалициски партнери на СДСМ, отворено побараа повеќе министерства без ресор. За нив, спорни се неколку моменти од договорот, особено околу меѓународна истрага за некои судски процеси.
Иако на премиерот во заминување му посочиле дека договорот со Гаши има недостатоци, сепак изјавија дека е подобро решение од предвремени избори.
Заев предочил дека во овие моменти, кога најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет, постигнатиот договор е гаранција дека има мнозинство кое ќе работи на обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Бугарија, ковид-пандемијата и глобалната енергетска криза.
За составот на новата Влада ќе одлучува новиот мандатар, кој треба да биде избран на 12-ти декември, по повлекувањето на премиерот Заев од партиската функција.
