Свет

Путин и Бајден на видео состанок, ќе се обидат да ја надминат недовербата

07.12.2021 13:39

Американскиот и рускиот претседател Бајден и Путин на видеосостанок. Белата куќа стравува од можна руска инвазија во Украина. Кремљ негира. Тврди дека силите ги движи низ своја територија исклучиво за одбранбени цели...

Претседателите на Русија и на САД, Путин и Бајден на состанок преку видео врска ќе се обидат да ја надминат големата меѓусебна недоверба, која, според САД е загрозена од можната руска инвазија на Украина.

„Може да очекувате дека нашата загриженост за воените активности на границата со Украина ќе биде истакнат дел од дискусијата. Нашата цел е дипломатски да пренесеме дека ова е моментот Русија да го повлече своето воено засилување на границата. Дипломатијата е вистинскиот пат, но ќе продолжиме тесно да се координираме со нашите партнери, за низа економски санкции и чекори што може да се преземат доколку претседателот Путин одлучи да продолжи напред“, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Кремљ, негира каква било инвазија тврдејќи дека ги движи силите низ своја територија исклучиво за одбранбени цели. Москва се противи на влезот на Украина во НАТО и е категорична за црвените линии.

„Ќе инсистираме на изработка на конкретни договори кои ќе исклучат какви било понатамошни потези на НАТО кон исток и распоредување на вооружени системи кои ни се закануваат во близина на територијата на Русија“, рече рускиот претседател, Владимир Путин.

Бајден го отфрли барањето, велејќи дека „не прифаќа ничија црвена линија“.

„Ние сме свесни за акциите на Русија долго време, и моите очекувања се дека ќе имаме долга дискусија со Путин“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

Руски експерт тврди дека разговорите во изминатите денови се одржуваат во стилот на студената војна, и не очекува двајцата лидери да се договорат за некоја од црвените линии.

„Станува збор за фундаментални принципи воспоставени пред 30 години за односите меѓу Русија и западот. Русија бара да се ревидираат овие принципи, западот вели дека нема основа за тоа. Така што е невозможно да се постигне договор тука така“, изјави Фјодор Лукјанов, политички аналитичар од Москва.

На состанокот ќе се разговара и за напредокот во контролата на нуклеарното вооружување и сајбер безбедноста од самитот во Женева, како и за регионалните теми како Сирија, Авганистан и Северна Кореја. Разговорите може да се наречат успешни доколку лидерите ги препознаат нивните разлики и формираат работни групи кои ќе можат да разговараат за безбедносната ситуација во Европа- сметаат аналитичарите.

Односите меѓу САД и Русија се нарушени откако Бајден ја презеде функцијата и неговата администрација воведе санкции против руски цели. Последниот познат повик меѓу лидерите беше во јули, кога Бајден го притисна Путин да ги заузда криминалните хакерски банди со седиште во Русија кои започнуваат напади со откупни софтвери против Соединетите држави.

Бојана Крстевски