Политика

Партиски комбинаторики по договорот Заев- Гаши

07.12.2021 14:20

Продолжуваат анализите и консултациите во владејачката коалиција по договорот со Гаши. Заев на коалициските партнери им предочил дека е најважно, функционирањето на институциите со полн капацитет и успешен епилог на евроинтегративниот процес. Ова е последен чин од обидот да се уништи Македонија, во режија на Заев, коментира Мицкоски...

На средбата со коалициските партнери премиерот Заев рекол дека договорот со Алтернатива е гаранција дека има мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, изнаоѓање решение со Бугарија, справувањето со пандемијата и глобалната енергетска криза. Пред присутните, Заев истакнал дека договорот со Алтернатива за зајакнување на парламентарното мнозинство и на владата значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина на државата и на граѓаните.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак смета дека Заев води пластелин коалиција во која никој не е задоволен, бидејќи се прават обиди за продолжување на политичкиот живот на одредени фигури. Непринципиелно е, вели Мицкоски, да се прави политички договор преку судски процеси.

Непосредно пред изборот на нов партиски лидер кај социјалдемократите, поранешниот член на партијата Максим Димитриевски смета дека се потребни суштински реформи во СДСМ.

Следниот викенд на 12-ти, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ избираат нов партиски лидер. Додека кај социјлдемократите пријавени се тројца кандидати, во опозициската партија засега останува само Мицкоски.

Миле Ристески