МНР

Османи учествуваше на министерскиот состанок за мировни операции на ОН

07.12.2021 14:56

Мировни мисии со примена на дигитализација и медицинска обука за поефикасно дејствување, заклучок од онлајн министерскиот состанок. Превенцијата на конфликтите, главна мисија на мировниците...

Зацврстување на мировните мисии на Обединетите нации со примена на дигитализација и медицинска обука на мировниците за поефикасно дејствување, е заклучокот од министерскиот состанок „Обединети за мир, заедно за подобра иднина“ на шефовите на дипломатиите од 155 држави во Сеул.

„Северна Македонија ќе продолжи да испорачува со поголемо учество на жени во мисиите. Ќе продолжи да инвестира на обука со балканските земји за градење на специјални капацитети. Превенцијата на конфликтите мора да остане главна работа на мировните мисии“, изјави шефот на дипломатијата Османи.

Земјите членки укажаа дека е потребна подобра координација и поголемо учество на жени мировници во мисиите.

„Сѐ уште се соочуваме со јаз во капацитетите за мировни мисии. Потребно ни е ваше партнерство, засилена обука на мировниците. Родовата еднаквост е критична за успех. Жени мора да имаат раководни улоги во мировните мисии. Се соочуваме со нови закани, па сите мора да придонесат“, нагласи Антонио Гутереш- генерален секретар на ОН.

„Република Кореја лансираше паметна обука со дигитализација на мисиите. Единствен начин за зачувување на мирот е учество во мисиите на повеќе жени“, рече Чунг Еуи-Јонг, министер за надворешни работи на Кореја.

Од министерскиот состанок произлегоа иницијативи за поголема соработка на земјите членки, поголемо финансирање и учество во мировните мисии на светската организација.

 

Ирина Гелевска