Штрајк на вработените во фабриката за шински возила „Колска“
Три месеци доцни платата за 90-тината вработени во фабриката за шински возила „Колска“ од Велес. Иако имаат работа, не можат да го исплатат долгот кон УЈП од еден милион евра, па 90-тината вработени од денес стапија во штрајк...

Вработените во Фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, стапија во штрајк. Причина се неисплатените три плати за последните месеци. Иако имаат работа и поправените вагони ги испорачуваат навремено, поради повеќе годишен долг сметката им е блокирана. Работат во лоши услови, без греење и без ХТЗ опрема. Ако не се реши нивниот проблем, најавуваат дека од четврток ќе го блокираат железничкиот сообраќај.
Фабриката за шински возила е единствен ваков капацитет во земјава, кој може да поправа патнички и товарни вагони во Македонија. Во 2002-та, кога последен пат имало ново вработени, биле 320 за денес таа бројка да изнесува 87. И тие што доаѓаат на работа се судруваат со проблеми, оти немаат здравствено осигурување. Нивен колега чека да се оперира, но нема можност да се лекува оти треба на приватно, па на работа доаѓа со помагала.
Преку писмено соопштение се огласи директорот на „Колска“, Митко Јанков кој потврди дека проблем е долгот од еден милион евра кон УЈП и блокираната сметка. Причина за тоа бил неплатениот ДДВ со години наназад.
Петар Печков
