Здравство

По прележан Ковид-19, проблеми со шеќер

08.12.2021 10:08

Центарот за дијабетес во кумановската болница регистира поголем број пацинети, кои по прележан Ковид-19, имаат компликации со нивото на шеќерот во крвта. Дел од нив се лекуваат веќе една година. Лекарите се сомневаат дека компликациите следуваат по терапијата со кортикостероиди.

Поголем број пациенти со покачено ниво на шеќерот во крвта регистрира Центарот за дијабетес при кумановската болница. Лекарите велат дека вакви компликации евидентирале кај пациенти кои го прележале коронавирусот. Проблеми со шеќерот има и кај граѓани кои никогаш немале никакви компликации со дијабет. Работат со пациенти од 30 до 80 години. Причина за зголеменото ниво на шеќерот во крвта, укажуваат може да биде и терапијата со која што се лекувале.

„Во многу случаи имаме видено дека има пацинети кои се третираат со кортикостероиди, кои се едни од причинители на зголемен шеќер. Има случаи каде по некое време се санира се и се враќаат во нормала, нема потреба за терапија. Меѓутоа еден добар дел останува дијабетот кој мора да се третира цел живот“, нагласува д-р Исмаил Бајрами, одговорен во Центарот за дијабетес.

Од оваа здравствена установа нагласуваат дека дијабетичарите се ризична група и треба особено да се придржуваат до протоколите за заштита од Ковид- 19 и да се вакцинираат. На ниво на североистокот се евидентирани околу 10.000 граѓани кои имаат проблеми со нивото на шеќерот во крвта. Најмладиот пациент има седум години.

„Во Куманово има 3.000 пацинети на инсулин, од кои над 100 се тип 1, а другите тип 2. Секој ден се повеќе се зголемува бројката, но секој ден како последица на ненавремено откриен дијабет или недобро лекување, или третирање, имаме и компликации. Периодов имаме и подобро снабдување со инсулин, и поширок избор имаме сега“, дополнува д-р Бајрами.

Проблеми велат некогаш има со снабдување со лентите, но и тие постојано се набавуваат.

 

Елена Георгиевска