Замрзнувањето на цените нема да предизвика недостиг на храна, смета проф. Давчев
Поскапувањето на храната е глобален тренд, економските анализи укажуваат дека стабилизирање може да се очекува кон средината на идната година. Стопанствениците очекуваат државата да излезе со конкретни мерки за помош на производителите на храна, а оризопроизводителите велат дека најавеното замрзнување на цената на оризот ќе го зададе конечниот удар на оваа гранка...

Владата ги замрзна цените на основните прехранбени производи на ниво од први декември. Се работи за итна антиинфлаторна мерка која не треба да трае долго, како не би предизвикала инфлаторни шокови по нејзиното завршување, смета Љупчо Давчев, професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“. Растот на цените вели, е глобален тренд, а стабилизација се очекува на средината на идната година.
Владата најави дека на листата на прехранбени производи со замрзнати цени може да се најде и оризот. Ова ќе биде погубно за оризопроизводството - велат земјоделците.
Мерката наиде на неодобрување од стопанствениците, кои сметаат дека е подобро да се замрзнат маржите на трговците. Очекуваат владата да определи минимална цена за репроматеријалите и да ги активира стоковите резерви.
Министерот за економија ги повика граѓаните да го пријават непочитувањето на мерката на бесплатниот телефонски број 191.
Славица Величковска
