Празник

Македонија го чествува Свети Климент Охридски

08.12.2021 13:32

Одбележан празникот Свети Климент Охридски – Чудотворец, кој е еден од најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј и првиот македонски архиепископ. Творец е на познатата Охридска книжевна школа и е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело станал заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет...

Со пораки да се обединиме во добро, Македонија го одбележува денот на Свети Климент Охридски. Се слави делото на сесловенскиот и македонскиот просветител. Во соборниот храм литургија по повод празникот.

Биење на камбаните во храмот, но и во сите цркви и манастири во земјава. Верниците, граѓаните оддаваат почит на патронот на МПЦ – Охридска архиепископија.

Хорот на братството на Бигорскиот манастир што учествуваше на вечерната литургија претходно беше на фестивал за византиска музика во грчката престолнина. Ова вели отец Бобан е чекор напред во зближувањето на двете православни цркви и на двата народа.

Со Светиот апостол Павле почна христијанизацијата, првата црква во Европа е во Македонија, а со Свети Климент нашата евангелизација, просвета, книжевност, култура.

Климент и Наум го основале еден од најстарите европски универзитети во Охрид на Плаошник, продолжувајќи го делото на светите Кирил и Методиј. Повеќе од 1.000 ученици го ширеле христијанството и православието и во регионот и во Европа.

Дијана Ценевска