Берлин

Олаф Шолц- нов германски канцелар

08.12.2021 14:54

На свеченото полагање на заклетвата во Бундестагот, претходеше протоколарен чин на кој германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер, исто така социјалдемократ, му ја врачи повелбата за назначување на бундесканцеларот...

Социјалдемократот Олаф Шолц е деветтиот канцелар на Германија.  На свеченото полагање на заклетвата во Бундестагот, претходеше протоколарен чин на кој германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер, исто така социјалдемократ, му ја врачи повелбата за назначување на бундесканцеларот.

„Во име на Сојузна Република Германија, го назначувам господинот Олаф Шолц за сојузен канцелар врз основа на член 63, од основниот закон за Сојузна Република Германија“, нагласи претседателот Штајнмајер.

„Се колнам дека ќе ја посветам својата сила на благосостојбата на германскиот народ, ќе го поддржувам и бранам основниот закон и законите на федерацијата, ќе ја зголемам неговата корист и ќе ја избегнам штетата од него и совесно ќе ги исполнувам своите должности. Ќе практикувам правда за сите“, рече Шолц.

Германскиот Бундестаг претходно со тајно изјаснување го потврди изборот на Шолц за нов германски канцелар. За него гласале 395 пратеници од вкупно 736, против се изјасниле 303 пратеници, шест биле воздржани, а три гласови се неважечки.

„Господинот Олаф Шолц го доби неопходното мнозинство од минимум 369 гласови, затоа, според член 63 од германскиот уставен закон, тој е новоизбраниот германски канцелар“, изјави Баербел Бас, претседател на Бундестагот.

Новиот канцелар за првпат ќе предводи трипартитна влада составена од Социјалдемократската партија, Партијата на зелените и Слободните демократи. Нова шефица на демократијата е најверојатно Ана Лена Бербок, лидерката на Зелените, додека третиот партнер, Слободните демократи добиваат вицеканцеларска позиција.

Со ова завршува 16-годишната ера на германската канцеларка Меркел. Во нејзиниот мандат, Европа се соочи со неколку економски кризи, како и со бранот илегална миграција за која Меркел имаше помирлив став.

Пристигнаа и првите честитки до Шолц од Макрон, кој не заборави да ѝ се заблагодари на Меркел за научените историски лекции. Воспоставување конструктивни односи меѓу Путин и Шолц, беше пораката од Кремљ.

Марина Ристова