Цената на електричната енергија нема значително да се зголеми
Нема да има значително зголемување на цената на електричната енергија, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими. Не сакаше да шпекулира со бројки, тоа треба да го одреди регулаторот...

Нема да има значително зголемување на цената на електричната енергија, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими. Не сакаше да шпекулира со бројки, тоа треба да го одреди регулаторот. Во однос на инфлацијата, рече дека од втората половина на наредната година не се очекува да продолжи трендот на раст на цените на глобалниот и на домашниот пазар. Замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи, според Бесими треба да се гледа како времена мерка, а во однос на предлогот да се замрзне маржата, рече дека во зависност од потребите што ќе се појават, ќе се одредуваат мерките.
„Во однос на цената на електричната енергија и имаме дадено на ЕСМ скоро пет милијарди за обезбедување на дополнителни ресурси за производство на електрична енергија или снабдување со електрична енергија за регулираниот пазар. Како што беше најавено, ќе има понуда од ЕСМ кон универзалниот снабдувач на електрична енергија, која веројатно, според тие проценки, ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на струјата“, изјави министерот Бесими.
Зголемувањето, сепак како што вели незначително, го потврдува и министерот за економија, Крешник Бектеши.
„Вистина е дека енергетските компании побарале и поголемо зголемување, дури и за 100 насто, но Владата излегува во пресрет на граѓаните и струјата веќе нема да се зголемува во наредните шест месеци. Затоа и ЕСМ за овој период со 100 насто ќе ги покрива потребите на универзалниот снабдувач“, дополни министерот Бектеши.
Александра Спировска
