Собрание

Дополнетиот Предлог-буџет за 2022-ра година пред пратениците

09.12.2021 08:52

Расправата по дополнетиот Предлог – буџет на пленарна седница трае пет дена.

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе се одржи 54-та седница на чиј дневен ред е и Дополнетиот предлог на Буџетот на Република Македонија за 2022-ра година во второ читање. Расправата по дополнетиот Предлог – буџет на пленарна седница трае пет дена.

По амандманската расправа во комисиите во Собранието, Владата од вкупниот број амандмани прифати 23 во вкупен износ од околу 382 милиони денари. Дополнително, на предлог на Министерството за финансии, Владата усвои и измени како дополнување на Буџетот и тоа за зголемување на средствата во Министерството за информатичко општество и администрација во износ од 250 милиони денари за реализација на програмските активности на Македонската радио телевизија, потоа за зголемување на средствата во Уставен суд во износ од еден милион денари за избор на нови уставни судии и зголемување на средствата во Финансиска полиција во износ од еден милион денари за преземени обврски за набавка на возило.

Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.

Пратениците во рамки на 54-та седница треба да ги донесат и предлог одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на Република Македонија заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на земјата, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на ковид – пандемијата, како и Предлогот на одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.