Земјоделство

По три денари финансиска поддршка за килограм јаболко, ориз и винско грозје

09.12.2021 09:14

Производителите на јаболко и на ориз кои до 15 декември ќе го продадат родот на регистрирани откупувачи ќе имаат право на финансиска поддршка од 3 денари за килограм. Со 3 денари за килограм ќе се помагаат и лозарите кои го продале винското грозје до 31-ви октомври. Овие дополнителни субвенции треба да произлезат од Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од ковид пандемијата.

Дополнителна фнансиската поддршка за намалување на последиците од ковид пандемијата, треба да добијат производителите на јаболко, на ориз и на винско грозје.

Министерството за земјоделство со подготвените законски измени предлага исплата на 3 денари за килограм јаболко кое во периодот од 15-ти септември до 15-ти декември 2021-ва година е предадено кај регистриран откупувач или оператор со храна од земјоделски производи за негова преработка или за  негов извоз на странски пазари реализиран преку најмалку еден откупувач.

Поддршка од 3 денари ќе има и за килограм оризова арпа која од 1 јануари до 15 декември годинава е произведена и предадена на регистриран откупувач или обработена во сопствениот преработувачки капацитет на оризопроизводителот.

Исто токав износ ќе добијат и лозарите за винско грозје кое од 15-ти август до 31-ти октомври 2021-ва година го продале на винарските визби за производство на вино или за извоз на купените количества, како и за преработка и производство на вино на собраниот род во сопствени капацитети на лозарите.

Методија Трајков