Македонските туристички центри привлечни за туристите од Источна Европа
Македонските туристички центри стануваат се попривлечни и поатрактивни за туристите од земјите на Источна Европа. Показател за тоа е присуството на тур-оператори од Молдавија во нашата земја кои покажаа интерес да носат поголем број гости во текот на наредната година. Насекаде во светот растат цените на туристичките услуги и најверојатно тоа ќе се случи и кај нас поради енергетската криза, меѓутоа директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски не очекува тоа да придонесе за откажување на туристичките аранжмани…

Веќе неколку дена во нашата држава престојуваат 15 тур-оператори од Молдавија коишто се запознаваат со македонските туристички потенцијали, како и со можностите да склучат договори за доаѓање на поголем број гости од таа земја. Според зборовите на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски од 2022-рата до 2025-тата година се очекува да се зголемува бројот на туристи од Молдавија, Руската Федерација, Украина и Белорусија.
„Тие пазари се повеќе и повеќе се заинтересирани токму за Охрид и за Македонија. Тоа го докажаа и авиолиниите коишто се воспоставија од привремен карактер кога се во прашање Москва, Санкт Петербург, Киев-Скопје и исто така се надевам во многу брзо време, во 2020-тата година веќе се потпишани одредени преддоговори за чартер летови токму од тие дестинации“, изјави Љупчо Јаневски-директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.
Оваа година е забележано зголемување на бројот на туристите и ноќевањата за 40 до 50 проценти во споредба со лани, така што се очекува и за новогодишните празници хотелските капацитети да бидат исполнети.
„Очекувам дека до 80-90 проценти за новогодишните празници да бидат полни капацитетите со домашни и странски гости во Охрид. Протоколите не се затегнати токму кај нас, а околу аранжманите за она што го нудат туристичките работници не би можел во овој момент да кажам бидејќи сепак се работи за нивно менаџирање на хотелите и туристичкиот сектор“, додава Јаневски.
Енергетската криза ќе влијае врз цените и во туристичкиот сектор, вели Јаневски, но посочува дека во 2021-та насекаде во светот цените се зголемиле за 20 до 30 проценти. Растот на цените ќе го одредуваат менаџерите на хотелите во зависност од поскапувањата во другите сектори, меѓутоа според него тоа нема многу да влијае врз откажувањето на туристичките аранжмани.
Сашо Нелоски
