Политика

ВМРО-ДПМНЕ најавува нова доктрина и кадровски освежувања

09.12.2021 17:06

ВМРО-ДПМНЕ најавува нова доктрина и кадровски освежувања во раководните структури по конгресот в недела. Во документот се предлага да се прецизира дека секој обид за дискусија за македонскиот идентитет и народ по автоматизам води до проблематизирање на македонската посебност...

Нова доктрина и сериозни кадровски освежувања во раководните структури, најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ по Конгресот на партијата што треба да се одржи во недела. Спојот на доктрината се базира на актите од самото основање на партијата кои се прилагодени на потребите на новото време, брифираат од партијата.

Во доктрината се предлага да се прецизира дека секој обид за билатерална и мултилатерална дискусија за македонскиот идентитет и народ по автоматизам води до проблематизирање на македонската посебност.

Во однос на наметнатиот спор од Софија кој ја блокира земјава на патот европските интеграции, од партијата велат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да почитува договор со Бугарија кој е надвор од Резолуцијата донесена во македонското Собрание. Според нив, отворените прашања со Бугарија не се спор, туку уценување од страна на Бугарија и нивна злоупотреба на членството во ЕУ.

Визијата на ВМРО-ДПМНЕ е да ги открие и развива сите можности за развој на македонската држава, како стремеж за неограничена потрага по реални решенија. Нашата политичка стратегија е изградена на принципите - човечност и праведност, се нотира во документот што треба да го усвои Конгресот, брифираат од партијата.

Клучна задача во градењето демократски политички амбиент,како што се вели во Доктрината е создавање кохезиони врски со сите луѓе во Македонија, независно од нивната политичка, верска или етничка определност. ВМРО- ДПМНЕ континуирано ќе настојува да се гради широк политички, државен и национален консензус за сите значајни прашања на внатрешен и меѓународен план, кои се однесуваат на иднината на македонската држава, се вели во нацрт- верзијата на доктрината која треба да биде усвоена од делегатите на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

До 11-ти декември е рокот за пријавување на кандидатура за претседател на партијата за закажаниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе се одржи на 12-ти декември во Скопје. Засега единствената кандидатура за претседател на партијата е поднесена за Христијан Мицкоски, актуелен партиски лидер. Право на кандидатура има секој член на партијата кој ќе биде поддржан од најмалку 30 делегати на конгресот, од вкупно 550.

Игор Панов