Политика

Димитров- Лирман: Германија останува посветена на старт на пристапните преговори на Македонија

10.12.2021 17:11

Вицепремиерот Димитров, кој беше прв странски гостин на Лирман од нејзиното стапување на должноста, на средбата детално ги претставил достигнувањата и предизвиците на земјава на патот кон Европската унија, како и приказна на доследност и надеж за европската перспектива на регионот...

Вицепремиерот Димитров прв гостин на новата државна министерка за Европа, Ана Лирман. Македонското општество е подготвено за реформскиот процес за да ја доведеме дома истата Европа којашто вие ја живеете, тоа е задача на нашата генерација. Почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици, истакнал Димитров на средбата.

Нашиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан- нагласил Димитров.

Државната министерка Лирман посочила дека Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори, поради што нејзиното дејствување ќе биде решително насочено кон остварување на оваа заедничка стратешка цел.