Поголем дел од селата во струшко и Дебaрца втор ден без струја
Поголем дел од селата во струшко и Дебaрца втор ден без електрична енергија. Патиштата до некои села се расчистени, но на повисоките места сѐ уште се во лоша состојба и непристапни. Поради топењето на снегот и обилните врнежи на дожд поголемиот дел од куќите на Мислешевски пат во струшко се поплавени. Од ЦУК велат состојбата постепено се стабилизира…

Поголемиот дел од струшките села на планинскиот потег на Јабланица, Дримкол, Малесија, Галичник и општина Дебрца втор ден се без електрична енергија. Сѐ уште се санираат дефектите на далекуводите на МЕПСО и мрежата на ЕВН, предизвикани од снежното невреме кое го зафати регионот вчера.
Жителите проблеми имаат и со телефонската мрежа и со интернетот. Патиштата до некои села се расчистени, но на повисоките места сѐ уште се во лоша состојба и непроодни. Планинската спасителна служба не добила повик за помош од завеани граѓани, но велат, подготвени се да интервенираат.
„Има отсечени села, сѐ уште колку што имам информации немаат струја дел од селата и во струшкиот регин и во Дебрца, но засега никој нема побарано помош, се надеваме дека е се во ред со жителите кои живеат таму. Вообичаено е тие да се погдготвени во текот на зимата знаат со какви проблеми се соочуваат“, вели Антонио Додески од Планиснка спасителна служба.
Поради топењето на снегот и обилните врнежи на дожд поголемиот дел од куќите на Мислешевски пат во струшко се поплавени, жителите бараат помош од Центарот за управување со кризи.
„Има проблем во Струга поради поплавување од површински води се во Мислешевски пат имавме дојави за поплавување на дворови, куќи и помошни објекти од дождовите што беа јавено е до локална самоуправа. Генерално земено состојбата се подобрува и се санира меѓутоа проблемот со електронапојување е најактуелен и со најголеми последици“, вели Митко Темелкоски раководител на ЦУК.
Вчера околу пладне 3 часа без електрично напојување беа поголемиот дел од општините во Југозападниот регион во земјава.
Соња Рилковска
