Политика

Внатрепартски избори за нов лидер на СДСМ

12.12.2021 17:02

Членството на партијата одлучува кој од тројцата кандидати, Димитар Ковачевски, Фросина Ташевска–Ременски и Јован Деспотовски, ќе го наследи Заев. Се гласа на речиси 200 избирачки места низ државава. Вонредните избори доаѓаат по оставката на Заев, која следуваше по поразот на локалните избори...

СДСМ на вонредни избори за нов претседател на партијата. На ливчето, тројца кандидати за наследник на Зоран Заев - Димитар Ковачевски, Фросина Ташевска - Ременски и Јован Деспотовски. Со право на глас се повеќе од 50 илјади членови на СДСМ, кои имаат електронска членска картичка. 

Гласачките кутии се отворени од 8 до 19 часот. За избран се смета кандидатот што освоил 50 проценти плус еден глас. Доколку ниту еден кандидат не освои доволно мнозинство, следува и втор круг. На директните внатрепартиски избори се гласа на 194 избирачки места.

Правото на глас го искористија и тројцата кандидати- Ковачевски, Ременски и Деспотовски, а во родната Струмица гласаше и Зоран Заев, кој го предводи СДСМ од 2013 година. Внатрепартиските избори следуваат по оставката којашто тој ја најави по поразот на локалните избори.

По изборот на лидер, следува Конгрес за избор на останатите партиските тела.

Ана Јосифоска Тодоровска