Македонија

Кочани со најзагаден воздух во источниот регион

12.12.2021 17:36

Висока концентрација на ПМ честички во воздухот во Кочани, граѓаните секојдневно реагираат на социјалните мрежи. Екологистите сметаат дека трајно решение ќе има со гасификација и користење на термалните води, а бараат и субвенционирање на еколошки горива во индустриските капацитети...

Пред една година жителите на Кочани протестираа против загадувањето на воздухот од фабриката за рециклирање на хартија. Надлежните и наложија на фабриката Пејпер мил да вгради специјален филтер во фабричкиот оџак. Филтерот е вграден, фабриката користи сончогледови пелети за технолошкиот процес, но кочанчани повторно вината за загадениот воздух ја гледаат во Пејпер мил. Еко активистите предлагаат државни субвенции за еколошко гориво.

Индустријата не е единствениот загадувач, овде е и големата употреба на дрва за огрев, но и честото палење на депонијата на соседната Општина Виница. Решението е во гасификацијата и користење на термалните води, вели Тодоров.

Од локалната власт велат дека ќе го продолжат проектот за субвенционирање на клима уредите за да се намали употребата на огревни дрва. Екологистите најавуваат поставување дополнителни мерни станици и видео бим со податоци за квалитетот на воздухот во Општина Кочани.

 

Славица Величковска