ВМРО-ДПМНЕ со нова доктрина, Мицкоски реизбран
Со 489 гласови „за“ Христијан Мицкоски е резибран за претседател на ВМРО- ДПМНЕ. Рече, испраќаме порака на обединување и заедништво, нов договор за општествен консензус за заеднички патриотизам, нова епоха за подавање рака кон секој интелектуалец...

„Поминавме четири години за внатрепартиска трансформација, следуваат реформи за да ја вратиме државата на победнички патеки“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на редовниот конгрес на партијата. Со 489 гласови „за“ е резибран за претседател на ВМРО- ДПМНЕ. Рече, испраќаме порака на обединување и заедништво, нов договор за општествен консензус за заеднички патриотизам, нова епоха за подавање рака кон секој интелектуалец.
„На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го оделотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие 3 децении се застрани“,рече Мицкоски во својот говор.
Пред почетокот на конгресот Мицкоски повтори дека ВМРО- ДПМНЕ инсистира на брзи предвремени парламентарни избори зашто народот треба да биде претставуван согласно тоа за што гласал, а гласал на последните локални избори за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
Мицкоски го доби првиот претседателски мандат во партијата пред четири години, на 23-ти декември 2017-та, кога на 16-от конгрес во Валандово беше поддржан од 376 делегати.
