ФАО

Растат цените на храната на светските берзи

13.12.2021 10:23

На светско ниво, цените на храната се највисоки во последните 10 години, пресмета Меѓународната организација на Обединетите нации – ФАО. Анализата покажала дека причината е намалениот род и зголемената побарувачка. Од сите прехранбени производи, на берзите, најмногу биле барани пченицата и млечните преработки...

Трендот на поскапување продолжува. Веќе четврти месец по ред, цените на храната на светските берзи се зголемија и во ноември и остануваат на највисоко ниво во последните 10 години, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации-ФАО.

Причина за постојаната нагорна линија на поскапување е зголемената побарувачка на пченица и на млечните производи.

Просечната вредност на индексот на цените на храната кои ги пресметува ФАО ги покажува месечните промени на меѓународниот ценовник  на основните прехранбени производи. Тој од 123,8 во октомври, се искачи на 134,4 во ноември, или за повеќе од 10 процентни поени. Ова е највисокото достигнато ниво во последната декада, односно од јуни 2011 година.

На годишна основа пак, уште подрастичен скок. Ноемврискиот индекс порасна за цели 27 отсто. За една година цените на земјоделските производи уриваат рекорди поради зголемената побарувачка и недоволниот род.

ФАО надолу ги корегира и очекувањета, иако обемот на производството оваа жетва останува рекорден. Неодамна ја намали и од пред еден месец прогнозата за производството на жито за 2021 година од 2.793 на 2.791 милијарда тони. 

 

Методија Трајков