Здравство

Во кумановската болница отворена првата неонатолошка амбуланта

13.12.2021 12:18

Во кумановската болница за прв пат е отворена неонатолошка амбуланта. Стучен тим ќе се грижи за здравствената состојба на новороденчињата. Болницата која го опслужува североистокот досега немаше проблем со дефицит на педијатри. Но, и во овој регион како и во земјава, опаѓа бројот на новороденчиња...

Кумановската болница доби неонатолошка амбуланта, адаптирана за преглед на новороденчиња. Во објектот кој што е опремен со донација од струмичка компанија, ќе работи стручен тим предводен од неонатолог, специјализанти, кои ќе понудат помош, преглед и советување за бебињата, без оглед дали се родени во болницата во Куманово, или во некоја друга здравствена установа. Прегледите ќе се закажуваат преку „Мој термин“. Целта е да се следи развојот и здравствената состојба на новороденчињата.

„Се раѓаат новороденчиња коишто бргу се адаптираат, но во првите 24 часа имаат некаков проблем. Тој проблем се манифестира од сите органски системи. Најчести проблеми со кои се справуваме овде се раните неонатални инфекции, умерени асфиксии, умерени конвулзии коишто лесно се третираат. Умерен респираторен дистрес кој не трае подолго од 72 часа“, вели  д-р Александра Христова, спец. педијатар и неонатолог.

Кумановската болница која го опслужува североистокот, досега немаше проблем со дефицит на педијатри. Но, здравствените лица укажуваат дека постојано опаѓа бројот на новороденчиња.

Постои тренд како на ниво на цела држава, да се намалува бројката ќе видиме колку ќе ја завршиме годинава. Порано имавме и над 1.000 па 900, мислам дека таа бројка ќе биде и до крајот на годинава“, изјави д-р Снежана Захариева, директор на Општа болница Куманово.

Според податоците на Државниот завод за статистика лани во североисточниот регион, кој ги опфаќа општините, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане, се родиле 1.504 бебиња. Споредено со 2019-та година, забележано е намалување за дури 91 новороденче.

 

Елена Георгиевска