Уништени и најцврстите згради во Кентаки
Торнадо го погоди Кентаки. Уништени се и најцврстите згради. Досега се откриени над 100-тина загинати. Вашингтон најавува федерална помош...

Спасувачките служби во Кентаки ги пребаруваа урнатините во потрага по преживеани, по серијата моќни торнада што ја погодија американската држава, уништувајќи многу семејни домови и деловни згради. Властите стравуваат дека повеќе од сто луѓе загинале и посочуваат дека сѐ уште има мала надеж да се најдат уште преживеани.
„Мислам дека требаше да нѐ испратат дома по првото предупредување за торнадо, бидејќи имавме едно во 7 часот и 30 минути и сите се евакуиравме во ходниците. Мислам дека требаше да знаеме: Еј, нешто доаѓа, треба да си одиме дома. Некои од вработените го направија тоа. Некои од нив си заминаа дома, да бидат со семејството. Но не заминаа сите.“
Шест лица загинаа кога торнадото уништи магацин на „Амазон“ во Илиноис, а уништен е дом за стари лица во Арканзас, при што загинаа две лица. Четири лица загинаа во Тенеси и уште две во Мисури.
Најмногу штети претрпе градот Мејфилд во југозападниот дел на Кентаки, каде што куќите биле срамнети со земја, искорнати огромни дрвја и сообраќајни знаци, а уништени се фабрика за свеќи, пожарна и полициска станица. Гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар, рече ова се најразорните Торнада во историјата на државата и дека се уништени и најсилните згради.
„Сè уште добиваме информации за фабриката за свеќи. Сопственикот е во контакт и има различни информации. Се обидуваме да ги потврдиме“, изјави Енди Бешеар, гувернер на Кентаки.
„Видов на лице место оставен ранец и пар чевли. И тоа ја доловува трагедијата што ова торнадо ја направи во оваа област во Кентаки. Ќе тагуваме заедно, но и ќе се опоравуваме заедно. Ние сме тука денес, но ќе бидеме тука и во наредните денови, недели и месеци што следуваат додека не заврши закрепнувањето“, изјави Алехандро Мајоркас, секретар за домашна безбедност на САД.
„Направивме обиколка на Грејвс во округот Маршал, и ја посетивме фабриката за свеќи. Не можете да разберете како тоа влијаело на овие заедници додека не сте таму“, рече Дина Крисвел Федерална агенција за управување со вонредни состојби.
Американскиот претседател Џо Бајден прогласи состојба на голема катастрофа во Кентаки, со што се отвора патот за дополнителна федерална помош.
Марина Ристова
