Бугарија со нова влада, Петков вели- односите со Македонија треба да се градат врз добрососедство
Бугарија доби нова политичка влада. Мандатар е Кирил Петков, а претседателот Радев не сакаше да ги коментира структурата и составот на новиот кабинет. За односите со Македонија, Петков со краток коментар дека треба да се градат врз добрососедство...

По две технички, Бугарија со политичка влада која треба да ја предводи земјата во наредните четири години. Лидерот на најголемата политичка партија во новиот парламент „Промените продолжуваат“, го доби мандатот за состав на новиот кабинет од претседателот Румен Радев. Од вкупно 240 пратеници, четирите партии кои коалицираат– „Продолжуваме со промената“, „Има таков народ“, „Бугарската социјалистичка партија“ и „Демократска Бугарија“ имаат 134 народни избраници. Пред почетокот на заседанието, Петков кратко изјави дека претстои период на реализација на ветеното.
„Сега ќе имаме можност за реализирање на задачите кои што сме си ги задале во тие 120 страници кои што вие ги видовте. Се надевам дека од сега па натаму ќе разговараме само за резултати. Ќе ви посветам повеќе време откако ќе помине процедурата“, нагласи Петков.
Претседателот Радев не сакаше да ги коментира структурата и составот на новиот кабинет. Му посака успех на новиот премиер.
„Би сакал да му посакам успех на новиот кабинет. Бугарија го очекува со нетрпение и надеж. Ќе ги оценам по нивната работа, се разбира“, рече Радев.
Во експозето во народното Собрание, Петков најмногу време посвети на внатрешните проблеми на Бугарија, ковид кризата, корупцијата, енергетската криза. Рече дека земјата останува кредибилен партнер на НАТО и ЕУ.
За односите со Македонија со една реченица кратко истакна дека треба да се градат врз добрососедство.
На Европскиот совет в четврток во Брисел, Бугарија ќе ја претставува Кирил Петков, наместо претседателот Радев, наведуваат бугарски медиуми.
Како што претходно најави, во Брисел ќе го брани досегашниот став на официјална Софија, што подразбира дека шансите за Македонија да добие датум за старт на преговорите со Унијата на овој самит се многу мали.
Во Брисел утре ќе се одржи Советот на министри за надворешни работи на земјите членки, каде што практично се носат одлуките кои треба да бидат потврдени од лидерите в четврток.
Бугарија ќе ја претставува новата шефица на дипломатијата Теодора Генчовска.
Милчо Велески
