Македонија

Водостојот на Брегалница се намалува, засега нема опасност од поплави

13.12.2021 14:50

Високиот водостој на реките во источниот регион денес се стабилизира. Вештачките акумулации се уште се полнат и нема испуст на вода во Брегалница, која се излеа на неколку места. За наредните денови се најавува намалување на врнежите. Надлежните на терен вршат процена на степенот на опасноста...

Се стабилизира нивото на реките на истокот, по синоќешните 230 сантиметри висина на Брегалница во Штип, денес таа изнесува 206 сантиметри. Киро Маџунаров, три децении го евидентира водостојот на Брегалница и смета дека за сега нема опасност од поплави во Штипско.

Неколкумесечната суша ги испразни акумулациите на истокот, кои сега се полнат и го штитат регионот од поплави. Од браните на Беровско езеро и Калиманци нема испуст на вода во Брегалница.

Водостојот на Брегалница беше критично висок во Делчево, но до поплави не дојде. Денес се интервенира во село Тработивиште каде се излеа река Желевица и жителите немаат пристап до земјоделските имоти.

Брегалница во својот тек поплави земјоделски површини, куќи и фарми и го оштети мостот кај село Долни Балван кој е забранет за тешки возила.

 

Славица Величковска