Македонија

Тетово: Гимназијалците со онлајн настава- нема греење во училниците

13.12.2021 14:57

Тетовските гимназијалци кои следат настава на македонски наставен јазик, не се на училиште. Веќе втора недела следат онлајн настава затоа што училниците немаат греење. Од раководството на гимназијата, велат дека нафтата се потрошила предвреме...

Празни и ладни училници затекна екипата на МТВ, каде тетовските гимназијалци следат настава на македонски јазик. Нафтата за греење се потрошила уште во вторникот минатата недела.

Учениците учат во два објекти на „стара медицина“, одвоени од средношколците од албанска настава, кои се во во централниот објект на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, каде греење има и се учи со физичко присуство.

Од раководството на гимназијата, велат дека нафтата веќе е нарачанa и очекуваат утре или најкасно до крајот од неделава, објектите да добијат греење.

Нафтата била потрoшена предвреме, оти еден од објектите каде се следи настава на македонски јазик во попладневните часови го користи спортската академија, кои се тука веќе пет години.

Ние нарачавме нафта, но можеби доцни, затоа што од компанијата каде што треба да ни ја донесат нафтата имаат многу нарачки и најверојатно не можат да постигнат, известија од раководството на тетовската гимназија.

Учениците кои следат настава на македонски јазик поради недостиг на простор во централниот објект на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, две децении користат разни простории. Учеа во основни училишта, во општинската сала, а веќе петта година се во објектите на „стара медицина“.

И оваа и претходната централна власт, даваа празни ветувања дека ќе се изгради објект во склоп на постоечката гимназијата, наменет за учениците од македонска настава.

 

Зоран Димовски